ММФ и Светска банка: Светската економија пред глобални предизвици
Економијата во светот ослабува, а економскиот раст е нерамномерен и слаб. Светската економија е исправена пред глобални предизвици со бегалската криза во Европа, климатските промени, пандемиите и намалената цена на нафтата, оценуваат од Меѓународниот Монетарен Фонд и Светска банка на пролетниот состанок во Вашингтон...

Светската економија ослабува. Се зголемува долгот особено на побогатите држави. Економскиот раст во Европа е слаб. Продолжува кризата во Грција, Русија, Бразил и Украина. Прогнозите на Светска банка е дека Македонија ќе има раст од 3,6 проценти во 2016-та. Светска банка ја намали проценката за економскиот раст на глобално ниво.
„Ја намаливме прогнозата за глобалниот економски раст од 2,9 проценти на 2,5 отсто. Во овој период кога глобалната економија забавува, се соочуваме и со големи глобални предизвици, присилна миграција, климатски промени и пандемии. Сакам да нагласам дека сите од овие три работи преставуваат многу јасни ризици за забавување на глобалната економија. Ако не работиме итно на наоѓањето на нови начини на решенија, овие предизвици ќе влијаат на сите нас“, изјави Џим Јонг Ким, претседател на Светска банка.
За првпат се намали под 10 проценти бројот на најсиромашното население во светот, но ослабувањето на светската економија ја поткопува целта за намалување на сиромаштијата до 2030-та. ММФ оценува дека рекордно се зголемила побарувачката за заеми за посиромашните држави. Економијата во светот може да се опорави од кризата, но тоа мора да се случи побрзо. ММФ претстави документ за подобрување на глобалната економска политика.
„Препорачуваме фискални политики за поголем економски раст за сите држави, вклучувајќи и зголемени инвестиции во инфраструктурата. Се разбира постојат држави со висок долг што се зголемува, и кои треба да спроведат понатамошни фискални зацврстувања. Но останатите имаат фискален простор, и повеќето од земјите може да пресметаат со цел нивните фискални политики да бидат наклонети кон економски раст“, вели Кристин Лагард, директор на Меѓународниот Монетарен Фонд.
Првите луѓе на ММФ и Светска банка посочија дека бегалската криза и смирување на ситуацијата во Сирија мора да се надмине со меѓународна соработка. Во спротивно изразија загриженост од преливање на кризата. Најновата афера со документите од Панама предизвикува загриженост кај финансиските организации бидејќи се покажа дека богатите држави избегнуваат даноци.
ММФ и Светска банка предупредија дека евентуалното излегување на Британија од Европската Унија ќе биде ризик за европската економија и негативно ќе влијае на економијата во светот.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон и ММФ
