Јолевски: Државите да ги синхронизираат политиките за бегалците
„Државите да ги синхринизираат политиките за бегалците“- побара министерот за одбрана Јолевски од Вашингтон. Поранешната американска државна секретарка Олбрајт смета дека ако САД им кажуваат на другите држави што да прават, тогаш и американците треба да прифатат повеќе бегалци...

Бегалците подолго ќе останат во Европа, а се очекува и нов бран мигранти и затоа е потребна сеопфатна стратегија за нивно прифаќање, соодветно регистрирање и враќање во Сирија, истакна министерот за одбрана Зоран Јолевски на конференција во Вашингтон во организација на германската фонданција „Бертелсман“ и весникот „Фајненшл Тајмс“.
„За да Европа може да се справи со бегалската криза, ќе треба државите да ги синхронизираат своите национални програми за поддршка на бегалците. Во спротивно, ќе имаме случај како што истакне еден мој колега, примивме 500 бегалци од Сирија и по три месеца, изгубивме трага од нив, сите заминаа на некое друго место. Затоа Европа мора да формира заеднички прифатлива политика како да се справи со бегалците“, изјави министерот за одбрана Зоран Јолевски.
Поранешната американска државна секретарка Медлин Олбрајт се согласи дека бегалската криза во Европа не е само европски проблем.
„Ако САД им кажуваат на другите држави што да прават, тогаш ние треба да земеме повеќе бегалци. Целосно верувам во тоа“, смета Олбрајт.
Според претставниците на Европската Унија, бранот мигранти во Европа ја покажа слабата контрола на границите, но ова е надминато и слободното движење во Шенген зоната останува.
„Оваа криза како и секоја поттикна нови процеси и инструменти што сега ги спроведуваме. Како што сега и помагаме на Грција да ги враќа бегалците во Турција и преземаме луѓе директно од Турција во европски држави. Но шенген ќе преживее, уверен сум во тоа, иако не бев многу убеден пред два месеца. Ќе преживее зошто го поминавме мостот што му беше потребен на шенген за вистински европски систем за контрола на надворешните граници“, изјави Јерон Диселблум, претседател на Еврогрупата и министер за финансии на Холандија.
Евентуалниот излез на Британија од ЕУ негативно ќе влијае врз односот на европските држави кон бегалците, оцени поранешниот шеф на британската дипломатија.
„ЕУ ги сфаќа посериозно односите со Турција отколку пред 5 години. Во последниве 6 месеца видовме поголема европска комуникација со Турција, но во Обединетото Кралство предизвика аргументи дека поблиски односи со Турција дури и безвизен режим, ќе значи 80 милиони Турци во Британија“, изјави Дејвид Милибанд, поранешен британски државен секретар за надворешни работи и комовелт и директор на „Меѓународен комитет за спасување“.
Учесниците на конференцијата посветена на бегалската криза во Европа се согласија дека треба повеќе да се вложи во подобрување на состојбата на бегалските кампови во Турција, Јордан и Либан, бидејќи ако бегалците од Сирија останат во регионот поверојатно е дека ќе се вратат дома.
За враќање на бегалците во Сирија потребна е реконструкција на државата. Светска банка оценува дека ќе бидат потребни од 150 до 180 милијарди долари.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
