Вељаноски ги распиша изборите на 5-ти јуни
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски го потпиша решението за распишување предвремени парламентарни избори на 5-ти јуни годинава. Вељаноски изрази уверување дека изборите ќе минат во мирна и демократска атмосфера...

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски стави потпис на решението за распишување на предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на 5-ти јуни. Актот е донесен врз основа на уставните и законските надлежности на претседателот на Собранието, стои во дописот од неговиот кабинет. Решението за распишување на изборите е доставено до Државната изборна комисија, како орган за спроведување на изборите и до Министерствата за правда и за надворешни работи.
„Верувам дека сите субјекти вклучени во изборниот процес ќе придонесат изборите да поминат во мирна и демократска атмосфера и дека секој од нас на 5-ти јуни ќе го оствари своето право да гласа, односно да ја даде својата доверба на оние политички субјекти во кои верува дека ќе можат да остварат стабилна сегашност и подобра иднина“, нагласува првиот парламентарец Вељаноски.
Со одлука на мнозинството пратеници, Собранието се распушти на 7-ми април. Опозицијата не присуствуваше на седницата. Претседателот на Собранието Вељаноски остави простор од една недела Државната изборна комисија да ги спроведе активностите во однос на теренската и административната проверка на избирачкиот список.
Според изборниот законик, ДИК треба да го изготви календарот за изборните дејствија. Роковите за извршување почнуваат да течат од денот на објавувањето на решението во Службен весник.
Милчо Велески
