Македонија со „Сиера Невада“ првпат дел од главната програма во Кан

15.04.2016 14:48

Копродукцијата „Сиера Невада“ ќе се најде на реномираниот Кански филмски фестивал. Проектот се реализирал 2 години, а филмската приказна говори за еден семеен собир преку кој се отвораат интересни животни теми...

Македонија за првпат ќе учествува во главната програма на престижниот Кански фестивал со филмот „Сиера Невада“– копродукција меѓу Македонија, Романија и Франција. Соработката на Агенцијата за филм и продукцијата „Сестри и брат Митевски“,  ги отвори портите во Кан.

„Ова е голем ден за македонската кинематографија. Нема автор или продуцент, актер, филмски професионалец, кој не посакува да биде во Кан, во која било програма“, изјави продуцентот Лабина Митевска.

Соработката со прoдуцентите на филмот започнала пред две години, токму на Канскиот фестивал. Од Агенцијата за филм, како репрезент на македонската кинематографија, оценуваат дека ова е значаен успех за земјата.

„Ова значаен успех за македонската кинематографија и за Македонија која првпат ќе биде дел од главната програма во Кан. Уште повеќе се радувам кога за ваквиот повод свој удел има и Агенцијата за филм“, истакна директорката на Агенцијата за филм Мими Ѓоргоска- Илиевска.

Филмот „Сиера Невада“ на Кристи Пуиу кој е еден од најголемите европски и светски автори, зборува за еден семеен собир преку кој на многу директен начин се отвораат интересни аспекти и теми од животот во Романија.

Буџетот на филмот изнесува 1,3 милиони евра.

 

Александра Перевска