Отворен ден на УКИМ, средношколците се запознаа со студиските програми

15.04.2016 15:16

Пред одлука за својата кариера, средношколците се запознаа со студиските програми кои беа претставени на штандовите во кампусот на универзитетот „Свети Кирил и Методиj“. Годинава универзитетот ќе понуди 127 студиски проиграми. Секоја година на УКИМ се запишуваат околу 10.500 студенти...

Средношколците пред одлука за својата кариера. Дел од нив веќе се решиле за  професијата  која сакаат да ја учат, други се уште се двоумат. На штандови во кампусот на универзитеот „Свети Кирил и Методиј“, средношколците можеа да се запознаат со  студиските програми на факултетите.

„Сѐ уште не можам да се решам. Ме интересира педагогија, психологија, социологија, општи науки.“

„Јас се интересирам за астрофизика и астрономија, се надевам дека тука ќе дознаам нешто повеќе за тоа.“

„Ме интересира психологијата, сакам да го изучувам тоа“, велат средношколците кои ги анкетиравме.

Наставниот кадар и оние кои веќе се студенти на некои од факултетите, на средношколците им кажуваа зошто нивниот факултет е најдобар и кои перспективи ги нуди.

„Интересот е сѐ поголем за запишување на студентите на Градежниот факултет. Една од причините е големата градежна експанзија што се случува во државата. Студентите веднаш по завршување на студиите се вработуваат“, изјави Дарко Наков- продекан за настава на Градежениот факултет.

„Оваа година нешто поразлично што ќе понудиме од другите години е поголемата соработка со успешните компании во земјава. Економски е бастионот на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, односно местото каде сите студенти добиваат квалитетно образование и можност за вработување веднаш по завршувањето на своите студии“, изјави Ана Ризова- студент на Економски факултет.     

Годинава универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ ќе понуди 127 студиски проиграми, а секоја година на овој универзитет се запишуваат околу 10.500 студенти.

„Нашата политика за квалитет постојано врши иновација на програмите, некаде има и нови програми, таму каде што нема постојаните се иновирани, бидејќи се обидуваме секогаш да бидеме во чекор со најновите достигнувања во Европа и во светот“, изајви Велимир Стојковски- ректор на УКИМ.  

Дипломата од УКИМ е препознатлива и надвор од државата, вели ректорот Стојков. За квалитетот на универзитетот покажува размената на студенти и кадар, како и многубројните научни и меѓународни соработки. 

 

Андријана Атанасовска