Шекспировите „Сонети“ премиерно во Битолскиот театар
Ансамблот на битолскиот театар, кој важи за синоним на изведба на дела на Шекспир во понеделник со нова премиера од истиот автор. Претставата ја режираат двајца млади режисери...

Од мотивите на Сонетите на големиот Шекспир до претстава на две независни режисерски видувања вклопени во една целина. Првиот дел од најновиот театарски проект се зборува на џибриш јазикот, а режисерот Јован Ристовски упатува една критика кон сите луѓе на планетата прашувајќи се дали ќе се движат по патот на самоуништување или ќе преовладаат стандардите на цивилизациските вредности. Неговиот колега Ангелчо Илиевски, се посветува на темата што се случува кога ќе пропуштиме многу моменти во животот.
„Колку да се правиме дека не гледаме навистина од сите страни светот почнува да врие и убеден сум дека човечката цивилизација е на една голема раскрсница“ вели режисерот Јовица Ристевски.
„Раскажуваме една лесна и интересна приказна на моменти можеби малку наивна но мислам дека навистина му фали една таква кога живееме во еден чуден и валкан свет“, вели неговиот колега Ангелчо Илиевски.
Овој несекојдневен режисерски начин на работа и мотивите од текстовите на шекспировите сонети на свој начин ги доживува и актерската екипа
„Се надевам дека секој на свој начин ја раскажа својата приказна и мислам дека длабоко ќе допре до посетителите“, вели актерката Викторија Степановска.
„Си фантазиравме дека ќе биде еден психо реализам една драма, но мислам дека испадна како да е една голема лабараторија во која експериментиравме и дојдовме до квалитетен труд“, изјави актерот Александар Копања.
За театарската куќа која важи за синоним на негувањето на делата од Шекспир новата премиера на некој начин отвара ново поглавје.
„Никој досега се нема зафатено со истражување и сценско оформување на шекспировите сонети“, рече директорот на Битолскиот театар Валентин Светозарев.
Посветеност од која никна и битолскиот Шекспир фестивал, а за кој на 19-ти месецов на конференцијата во Романија, Европската асоцијација на Шекспир фестивалите ќе одлучува дали ќе биде примен во оваа престижна асоцијација.
Стевче Митревски
