Заев: СДСМ нема да учествува на нерегуларни избори

15.04.2016 16:29

„СДСМ нема да учествува на нерегуларни избори, какви што ќе бидат тие на 5-ти јуни, ниту такви избори ќе дозволи“- ова е ставот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, изнесен по средбата со холандскиот амбасадор во земјава, Пломп. Заев смета дека регулани избори се можни само со пречистен избирачки список и медиумски реформи. Со реакции и дел од помалите партии...

СДСМ нема да учествува на нерегуларни избори, какви што ќе бидат тие на 5-ти јуни, ниту такви избори ќе дозволи, можни се само регуларни избори, со пречистен избирачки список и медиумски реформи, рекол претседателот на Социјал-демократите Зоран Заев на средбата со амбасадорот на Холандија, Ваутер Пломп.

Во партиското соопштение пишува дека соговорниците констатирале оти погазувањето на договорот од Пржино, чијашто цел се фер и регуларни избори, ја носи земјата кон ризични и многу штетни последици по Република Македонија и нејзините граѓани.

ДОМ на Лиле Поповска, пак го осудува потегот на претседателот на Собранието, Трајко Вељановски, за распишување избори на 5-ти јуни - без пречистен избирачки список, без регулирани медиуми, и како што велат во зовриена состојба на улиците. Вељановски, според ДОМ, долеал масло на огнот.

Демократски сојуз, ФРОДЕМ, ДЕМОС и МОРО – Работничка партија, објавија дека нема да учествуваат на закажаните избори. Сметаат дека не се зодадени услови.

Четирите партии побараа повлекување на одлуката за аболиција од претседателот Иванов и негова оставка.

 

Миле Ристески