Партиите бараат Иванов да ја преиспита одлуката

15.04.2016 16:44

ВМРО-ДПМНЕ побара од Иванов да ја преиспита одлука за прекинување на кривичните постапки. Писмо до претседателот испрати и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со апел да се поништат одлуките, објавени во службениот весник. Се огласи и ДУИ...

ВМРО-ДПМНЕ предлага четирите најголеми политички партии да му испратат заедничко писмо на претседателот Иванов, со барање да се преиспита одлука за прекинување на кривичните постапки.

„Одлуката на претседателот Ѓорге Иванов не е во согласност со заложбите на ВМРО-ДПМНЕ. Нашиот став е јасен, секој што направил криминал треба да одговара“, велат од владејачката партија.

Од СДСМ со став- Груевски нека го повика Иванов да ги поништи сите одлуки за помилување, бидејќи сметаат дека тој е нарачателот.

„Ставот на СДСМ е јасен уште од почеток. Поништување на сите одлуки за помилување, донесени на 14-ти април, одговорност за сите за сторениот криминал. Во Македонија не смее да има недопирливи граѓани и обични граѓани од втор ред“, велат од опозициската партија.

Социјалдемократите со писмо до претседателот Иванов. Бараат итно поништување на одлуките за помилување, бидејќи како што стои во дописот тие се противуставни и го рушат договорот од Пржино. Во ситуација на правна празнина, само Собранието може да го регулира прашањето на помилување, со измени на законот или со нов закон што досега не е направено, стои во писмото од лидерот на СДСМ Заев до претседателот Иванов.

И Демократската унија за интеграција бара од Иванов да ја разгледа одлуката за аболиција. Сметаат дека одлуката директно задира во реформскиот процес и затоа бараат од Иванов, во најкус можен рок да донесе политичка одлука за надминување на новонастанатата ситуација, и да се најде правен начин за поништување на одлуката.

 

Наташта Гркова- Петрушевска