Претседателот Иванов останува на донесената одлука за помилување

15.04.2016 16:59

Партиите побараа Иванов да ги преиспита помилувањата, шефот на државата остана на одлуката со образложение дека е во интерес на држвата. Им порача на засегнатите, индивидуално да реагираат до него...

Претседателот Иванов остана на својата одлука за помилувањата, смета дека е од државен интерес на Ммакедонија. Рече дека оние кои се незадоволни, можат индивидуално да реагираат до претседателскиот кабинет. Шефот на државава побара меѓународните претставници да помогнат да се исполнат обврските од договорот од Пржино, за да имаме фер, слободни и демократски избори.

Иванов, нагласи, внимателно ги проследил и анализирал сите реакции по одлуката која, повтори, го штити исклучиво државниот интерес.

„Уште еднаш повторувам, секој оној кој смета дека сум му одземал право, сторил лоша услуга и својата невиност сака да ја докаже на суд, го повикувам лично во писмена форма да поднесе барање за поништување на одлуката која се однесува на него. Кога ќе ги добијам таквите барања, ќе повикам правни експерти да понудат можно правно решение. И политичките партии можат со свои правни експерти да се вклучат во овој процес“, потенцира шефот на државата.

Според Иванов, партиите и нивните поддржувачи ги користат институциите како средство за пресметка, судовите се под притисок при постапување по предмети, безбедносните институции се парализирани со нарушен систем на команда и висок е ризикот да не можат да одговорат на заканите со кои се соочуваме, додека Специјалното обвинителство има потреба од време за квалитетно вршење на истраги.

„Барам претставниците на меѓународната заедница кои се вклучени во процесот да помогнат сите страни целосно да си ги исполнат преземените обврски од Договорот од Пржино, додека потписниците на договорот да ги спроведат преземените обврски и да овозможат слободни, фер, демократски  и кредибилни избори. Ги охрабрувам сите носители на јавни функции кои извршуваат работи  согласно Уставот и законите, судии, обвинители, полициски службеници и други да не подлежат на притисоци и влијанија од кого било во вршењето на своите должности. Ги охрабрувам за сите случаи јавно да проговорат и ако чувствуваат потреба да ме информираат“, подвлече Иванов.

Претседателот уште еднаш ги повика претставниците на меѓународната заедница да внимаваат на своето однесување и активности и ги потсетува дека би можело да бидат погрешно разбрани.

Граѓаните на Република Македонија очекуваат од политичките партии нивно внатрешно прочистување и промовирање нови лица во политиката, порача претседателот и изрази очекување распишаните избори на 5-ти јуни да бидат вовед во ново поглавје за Република Македонија.