Хан: Партиите да се вратат на преговарачка маса
Европската Унија сака стабилност во соседството, бидејќи кризата кај соседните држави може да се прелее и во Унијата. Проширувањето продолжува со кандидатите што ќе ги исполнат реформите, изјави еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан во Вашингтон. Запрашан за ситуацијата во Македонија, Хан упати апел до сите партии да се вратат на преговарачка маса и на патот кон евроинтеграциите.

Европската Унија сака да ги продлабочи односите со соседите, да промовира стабилност и да поддржува демократски и економски реформи, изјави еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан во обраќањето во институтот „Брукингс“ во Вашингтон.
„Проширувањето цврсто останува на агендата, но е условено со реформите. Ги научивме лекциите од претходните случаи на проширувања дека е неопходно да се има процес со земјите кандидати со цел да им овозможиме нив да бидат на ниво што е прифатливо за нашите државјани. Значи повеќе е до процесот, а помалку до преговорите што треба да се направат“, изјави еврокомесарот Хан.
На прашање од Обединетата Македонска Дијаспора за ситуацијата во Македонија, еврокомесарот Хан побара сите партии да се вратат на преговарачка маса.
„Навистина сум разочаран од последните настани. Ние инвестиравме многу во договрот од јуни-јули минатата година за да се донесе земјата назад на евроатланскиот пат. Многу од роковите не беа испочитувани кога требаше, но конечно тоа беше направено. И затоа фактот дека сега изборите на 5 јуни се под тешка ситуација и искрено не знам како ќе изгледа по изборите. Мислам дека можам само да ги повикам сите партии и исто и цивилното општество, но особено политичките партии, да се вратат на преговарачка маса и да останат посветени на евроатланската перспектива на земјата. Ако не работат заедно и не останат фокусирани на фер избори, новата влада нема да биде меѓународно прифатена и признаена. Сите треба да разберат што е во прашање. Се надевам дека можеме да ја испратиме оваа порака. Членови на Европскиот парламент и јас ќе пробаме да направиме уште еден напор да ги донесеме заедно и да посредуваме. Не можам да ветам ништо, но се надевам дека постепено луѓето во регионот и во некои други делови ќе разберат дека демократијата значи да се постигне договор и компромис, а не да се има став на победник и губитник. Во спротивно никогаш нема да бидете успешни. Луѓето во регионот заслужуваат подобра иднина, а таа единствено е можна ако се има јасна европска перспектива. Ова вклучува европско или демократско сфаќање на владеењето на правото. Ова мислам веќе е одговор на опсежното помилување на луѓе од страна на претседателот на државата“, изјави Хан.
ЕУ сака нејзините соседи да се развијат економски, оцени Хан додавајќи дека затоа на Западниот Балкан, Унијата помага во ширење на хидроцентралите како чист извор на енергија. Европската Унија сака да ги подобри односите со Турција особено поради соработката при бегалската криза, но и со соседите на соседите како арапските држави и земјите од Источна Европа.
Бегалската криза во Европа се уште е најголемиот предизвик за Европската Унија, но еврокомесарот Хан истакна дека треба да се направи разлика меѓу мигрантите и бегалците.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
