Папата Франциско ги посети мигрантите на Лезбос

16.04.2016 15:15

Папата им се обрати и на бегалците и мигрантите што се наоѓаат во Грција со порака дека дошол за да им каже дека не биле сами.

Папата Франциско пристигна на грчкиот остров Лезбос, во посета на мигрантите и бегалците кои што се наоѓаат таму. Посетата ја почна со пораката дека ова патување било исполнето со тага, бидејќи во негови рамки непосредно се среќава со она што за него претставува „најголемата хуманитарна катастрофа по Втората светска војна“.

Папата им се обрати и на бегалците и мигрантите што се наоѓаат во Грција со порака дека дошол за да им каже дека не биле сами.

„Вие знаете што значи болката да оставиш се што ти е драго зад себе и најтешкото и да не знаеш што ќе донесе иднината. Многу други како вас се исто така во кампови или градови, чекајќи, надевајќи се дека ќе изградат нов живот на овој континент“, порача папата.

Премиерот Ципрас бил задоволен како неговата земја се справува со бегалската криза и од третманот кон бегалците, особено што тоа се случувало во време кога неговата земја минувала тешки моменти.

„Вашата посета  претставува одлична можност да се нагласи потребата да се запре војната и човековaта експлоатација и да го отвори патот за создавање легална рута за овие луѓе кои ги напуштаат своите домови во потрага за побезбедна и подобра иднина во Европа“, истакна Ципрас.

Во рамките на престојот на Лезбос, папата во придружба на вселенскиот патријарх Вартоломеј и поглаварот на Грчката православна црква, архиепископот атински и сегрчки Јероним, ги посетија и мигрантите во кампот Морија, каде што во моментов се наоѓаат околу 3.000 лица.

 

Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ