ДИК: Објавен роковникот за извршување на изборните дејствија
Државната изборна комисија официјално го објави роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на предвремените парламентарни избори на 5-ти јуни.

Државната изборина комисија (ДИК) го утврди роковникот за подготовка и спроведување на изборниот процес. Јавниот увид на граѓаните во избирачкиот список почнува на 25-ти април и ќе трае до 9-ти мај. Десет дена подоцна, на 19-ти, ДИК ќе го заклучи списокот со гласачи.
До 9-ти мај, сите оние кои се во странство може да се пријават за гласање во некое од македонските дипломатски претставништва.
На 15-ти мај, со ждрепка ДИК ќе го утврди редоследот на листите на кандидатите. Коалициите во сите општини ќе имаат ист реден број на гласачкото ливче. Изборната кампања почнува на 16-ти мај, а завршува на полноќ на 3-ти јуни.
Првичните резултати од гласањето ДИК е должна да ги објави 12 часа по затворањето на избирачките места.
Подносителите на листи за одредени неправилности може до ДИК да поднесат приговор во рок од 48 часа. Толку време има ДИК да одлучи по приговорот, а ако одлуката подносителот на листа не ја смета за веродостојна може да поднесе тужба до Управниот суд.
Во периодот кои следи политичките партии кои ќе правниот учествуваат во изборниот процес треба да потпишат кодекс за фер и демократски избори. Со него ќе се обврзат дека нема да вршат никаков притисок врз вработените во администрацијата, и дека никој нема да биде предмет на закана ако подржува или не некоја партија или кандидат.
Миле Ристески
