Бронза за Шпанија

26.01.2014 18:03

Актуелниот ракометен светски првак Шпанија...

Актуелниот ракометен светски првак Шпанија го освои бронзениот медал на ЕП во Данска. Во малото финале шпанците ја совладаа Хрватска со 29-28 (16-13). За Шпанија ова е петти медал на Европските првенства, хрватите не успеја да дојдат до четвртата последовна бронза на големите настани по најниското место на подиумите на Олимписките игри во Лондон 2012-та, на Светското првенство во Шпанија 2013-та, и на Европскиот шампионат во Србија 2012-та.

Избраниците на Славко Голужа немаа сили брзо да се опорават од поразот против Данска, имаа многу грешки и постојано беа во лов на негативата. Шпанците во првото полувреме дојдоа на максимални 16-12, во последните десет минути имаа и 26-23 а хрватите предводени од разбудениот Лосерт на голот пропуштија две шанси за нерешен исход и продолжение. Последната, за „реми“ со играч повеќе не ја искористи  Бунтиќ, па светските прваци преку Канељас ставија точка на победата.

Шпанците ги поредводеше Канељас со 8 гола, Агинагалде постигна еден помалку, а свој голем придонес имаше и голманот Сиера со 12 одбрани. Кај поразените најефикасен беше Дувњак со 7 и Бунтиќ со 5 гола.

Во финалниот дуел на ЕП се судираат Данска и Франција.