Бразил: Импичмент за Дилма Русеф
Во Конгресот се изјаснуваа пратениците, на улиците, пак, илјадници бразилци, противници и следбеници на Русеф.

Долниот дом на Парламентот во Бразил, по шестчасовна расправа ја поддржа иницијативата за отповикување на претседателката Дилма Русеф. Пратениците од власта побараа од членовите на Конгресот да покажат демократска свест, додека опозицијата оцени- на Бразил му е потребна „морална обнова“.
Во Конгресот се изјаснуваа пратениците, на улиците, пак, илјадници бразилци, противници и следбеници на Русеф.
„Демократијата треба да биде суверена и да биде над се друго, така што не постои сомнеж дека тоа што го прават сега е државен удар.“
„Тука сум во одбрана на власта. Не може крадци да ја преземаат легитимноста на нашата претседателка Русеф“.
Анкетите покажуваат дека над 60 насто од бразилците го поддржуваат импичментот на Русеф.
„Мислам дека она што го направи Дилма Русеф е сосема спротивно на законот и против уставот.“
„Ќе продолжам да излегувам на протести. Нека има нови избори. Тоа е најдобрата опција, на најдемократски начин да се избере нов лидер.“
„По 13 години на популистичка влада, конечно е направен првиот чекор за отповикување. Доста беше од пропадната земја и скандали со корупција.“
Русеф е обвинета за финансиски малверзации за време на нејзиниот реизбор во 2014-та. Претседателката возврати „ова е државен удар“ и образложи дека слични парични трансакции во буџетот правеле и претходните претседатели.
Доколку и во Горниот дом мнозинството го поддржи решението на сенаторите, Русеф ќе мора да ја напушти претседателската функција, а Бразил ќе го очекуваат избори за шеф на државата само три месеци пред одржувањето на Летните олимписки игри.
Маријана Димовска
