Почна снимањето на филмот „Ах, љубов моја“
На повеќе локации во Скопје почна да се снима нов долгометражен игран филм. Се работи за остварувањето со наслов „Ах, љубов моја“, во режија на Коле Ангеловски. Филмот е од жанрот комедија и ја раскажува приказната за позната пејачка, чиј живот тргнува наопаку по средбата со поранешниот љубовник. Екипата е составена од домашни актери, а филмот се снима со поддршка од Агенцијата за филм...

Љубовна приказна, со многу заплети, брканици, страдања, по три децении Коле Ангеловски снима нов филм „Ах, љубов моја“. Филмот ќе се снима во Скопје и Маврово, на атрактивни локации кои, како што вели режисерот на филмот ќе му дадат визуелна компонета која со добрата глума на актерите ќе ја привлече публиката. Според него, овој филм не може да го достигне „Викенд на мртовци“, но верува дека ќе биде гледан.
„По некоја чудна случајност Викенд на мртовци прво беше театарска претстава, па снимивме филм, и ова е театарска претстава со која се отвори Театар Комедија, веќе се одиграни 60-ина претстави и знам како публиката реагира. Кога ќе се стави на филм и кога ќе се обогати, мислам дека ќе има интерес кај публиката“, изјави Коле Ангеловски, сценарио и режија.
Марија Кондовска, односно госпоѓа Трпкова во филмот ја мажи својата ќерка. Вели со комедијата два часа ќе заборавиме на се што не мачи, а и на политичките партии.
„Работата со Коле е празник, панаѓур. Имаме една убава возбуда“, изјави актерката Марија Кондовска.
Атанас во филмот ги прави сплетките.
„Главниот сплектар е ликот на Селпин, кој не знае што сака, не знае што е, сака да биде во врска со една атрактивна пејачка, но и да живее нормален живот како сите и да се ожени со Мариче“, вели актерот Атанас Атанасовски.
Освен Марија и Атанас, Александар Микиќ, Кристина Ласова, Нина Деан, се дел од 14 члена актерска екипа во „Ах, љубов моја“. Роберт Јанкуловски е директор на фотографија, Раде Василев е костимограф. Филмот треба да биде готов во септември, режисерот го планира за фестивалот „Браќа Манаки“.
Наташа Јанчиќ
