Улога на религијата во општеството: Потребна е поголема толеранција
Во Скопје дебата за улогата на религијата во македонското општество. Меѓу заклучоците- потребна е поголема толеранција за другиот, почитување на различностите, отфрлање на верската нетрпеливост...

Религијата не може да понуди универзален збир на вредности и на верувања, прифатливи за сите членови во општеството- заклучок од денешната дебата за учеството на религијата во Македонија. Професори и претставници на верски заедници зборуваа за важноста на толеранцијата, се осврнаа и на секуларноста. На македонското општество му е потребно отворање на религиски студии смета Валентина Божиновска. Таа ја истакна важноста од воведувањето на веронауката.
„Ако стои дека е закон за верска заедница религиозна група јас ве уверувам дека за пола година нашите деца нема да одат ниту во МПЦ, ниту верници во ИВЗ, далеку од тоа дека ќе ги посетуваат литургиите, нашите деца ќе бидат во сектите“, изјави Божиновска.
Ако сакаме да говориме за верата треба добро да ги знаеме светите книги, доколку не ги познаваме, ќе имаме погрешна идеолошка претстава за религијата, вели презвитер Ивица Тодоров.
„Во Македонија за жал многу малку се става акцент на тоа, повеќе филозофираме за верата, а помалку се повикуваме на автентичните текстови на кои ние ја базираме својата вера“, смета Тодоров.
Една од функциите на религиите која се интензивира во Македонија е секој индивидуално да ја восприми идејата за Бог, вели професор Матевски.
„Mожеби заради тоа се развиваат одредени религиски движења, култови, деноминации многу повеќе во Македонија него во минатото, можеби заради тоа не е адекватен пристапот на верниците во онаа мера на неделните литургии“, смета професорот Матевски.
За професорите- социолози толеранцијата во религијата е клучна.
Тркалезната маса е организирана од Институтот за социологија на Филозофскиот факултет во Скопје.
Викторија Милевска
