Богов: Македонската економија е стабилна, нема опасност од девалвација на денарот

18.04.2016 18:02

Македонската економија е стабилна и нема опасност од девалвација на валутата, оцени гувернерот на Народната банка на Република Македонија Димитар Богов, којшто учествува на пролетниот состанок на Светска Банка и Меѓународниот Монетарен Фонд во Вашингтон.

Македонската економија останува стабилна и покрај предизвиците. Светска Банка предвидува дека оваа година Македонија ќе има економски раст од 3,6 проценти.

„Во однос на разговорите што ги имавме за македонската економија, деновиве ММФ излезе со проекција за економскиот раст во оваа година 3,6 проценти, што потврдува дека и тие гледаат дека македонската економија има здрав потенцијал за економски раст. Но беше искажана загриженост дека најновите политички случувања и политичката несигурност којашто владее во Македонија може да го загрози овој потенцијален економски раст“, изјави гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

Гувернерот ги отфрли сите шпекулации дека денарот ќе девалвира.

„Тоа се како што кажавте само шпекулации, целосно неосновани. Јас би им порачал на сите граѓани, на сите бизниси воопшто да не ги земаат за сериозно таквите шпекулации. Секој оној што го кажува тоа, или нема доволно информации или пак лаже. Македонија 19 години има стабилен курс на денарот. Во овие 19 години бевме соочени и со многу поголеми предизвици од овие сега, така што укажавме дека Народната Банка има капацитети и може да испорача ценовна стабилност, стабилност на курсот на денарот и сигурност на банкарскиот систем. Така што не треба да има загриженост околу ова, не треба да се верува на шпекулациите. Значи инфлацијата во Македонија останува многу ниска, курсот на денарот останува стабилен, банките остануваат најсигурно место за штедење“, вели гувернерот Богов.

Препораките од пролетниот состанок на Светска Банка и ММФ до земјите членки се да се спроведат структурни реформи и да се преземат активности за зголемување на економскиот раст како што се инвестициите во инфраструктурата.

Експертите на Светска Бнака и на ММФ не се загрижени за македонската економија, но изразија загриженоста за малиот  економски раст во Европската Унија.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ