Хан: Слободата на медиумите е врвен приоритет

19.04.2016 13:08

Според Хан, за надминување на постојните проблеми во медиумите е потребна политичка волја од државните институции, законодавството соодвето да го спроведат.

„Слободата на медиумите останува еден од врвните приоритети на реформската агенда за македонија“ – истакнал еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, во одговорот на писмото до претседателот на Европската федерација на новинари, Могенс Бјергард.

„Слободата на изразувањето е една од областите опфатени во листата на ургентните приоритетни реформи, изготвен од Европската комисија, по објавувањето на скандалот со прислушувањето. Во сите наши контакти, постојано сме подвлекувале дека правото на медиумите да пренесуваат информации и идеи од јавен интерес, и правото на јавноста да ги добие истите, не смее да се поткопува преку политичко влијание врз уредувачката политика и врз работата на новинарите, пред, во текот и после изборите“, се вели во писмото на Хан, кое го пренесува Здружението на новинарите на Македонија.

Според Хан, за надминување на постојните проблеми во медиумите е потребна политичка волја од државните институции, законодавството соодвето да го спроведат. Писмото е одговор на барањето за поголем ангажман од Европската комисија за медиумски реформи во Македонија.