„Буре барут“ за 70-годишниот јубилеј на Драмски театар

19.04.2016 14:41

Со изведба на легендарната претстава „Буре барут“ на Дејан Дуковски, Драмски театар ќе го одбележи седум деценискиот јубилеј на 21-ви април. Тоа е датумот кога точно пред седум децении е изведена премиерата на куклената претстава „Силјан штркот“ во режија на Петре Прличко...

На 21-ви април 1946-та година на сцената на Драмски театар премиерно била изведена куклената претстава „Силјан штркот“ во режија на Петре Прличко. По точно седум децении, на истата сцена, плејада од три генерации актери ќе ја одиграат легендарната „Буре барут“ по повод големиот јубилеј. Во режија на Сашо Миленковски, а по текст на Дејан Дуковски кој овој текст го постави и пред 22 години како праизведба во МНТ.

Како спој на младоста и на искуството, играат млади актери и оние кои повеќе од 4 децении вградиле свои креации во репертоарот на Драмски.

Изборот на претставата за големиот јубилеј има посебно значење.

Венко Серафимовски кој ја создаде музиката за претставата, вели, бурето со барут е нешто друго од она што очекувате да го видите.

Директорот Вељановски, најавува повеќе содржини што ќе го збогатат овој историски театарски настан.

Во чест на големиот седум децениски јубилеј на Драмски, Театарот за деца и младинци на 21-ви април ќе гостува со претставата „Македонска приказна“.

 

Александра Перевска