Брисел: Во Виена ќе се спасува договорот од Пржино
Во Виена ќе се спасува договорот од Пржино. Официјален Брисел потврди дека целта на закажаниот состанок е да се разговара за имплементацијата на договореното од Скопје, а не за нов договор за излез од политичката криза...

Надминување на политичката криза и целосна имплементација на Пржинскиот договор – ова се главните поенти на состанок, закажан за во петок во Виена, на кој на покана на тројцата европратеници Вајгел, Кукан и Ховит и еврокомесарот Јоханес Хан, треба да учествуваат и преставници на 4-те политички партии потписнички на договорот од Пржино.
„Во однос на вашето прашање зошто е одбрана Виена, би рекла зошто да не. Вие знаете дека ги испративме поканите во име на комесарот Хан и тројцата европратеници кои се вклучени во разговорите за средба со политичките лидери. Средбата треба да се одржи во Виена, овој петок, на 22-ри април. Целта на состанокот е да се разговара за начините за решавање на кризата и да се осигура дека лидерите ќе продолжат со спроведувањето на договорот од Пржино и реформските приоритети, за да покажат волја да ја вратат земјата на евро-атлантскиот пат“, изјави портпаролката на ЕУ, Маја Коцијанчиќ.
Портпаролката на шефицата на европската дипломатија, не потврди дали во планот на Европската комисија за надминување на кризата е и постигнување на евентуален нов договор. Засега, потврда за присуство во Веина пристигна од ВМРО-ДПМНЕ. Дел од другите партии потврдуваат дека ги добиле поканите, но сѐ уште немаат донесено одлука дали нивни делегации и во кој формат би учествувале на разговорите.
Коцијанчич денеска не можеше да одговори ни дали сите политички партии го потврдиле своето присуство на претстојната средба во Виена.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
