Обвинителен акт против осум лица осомничени за логистика на вооружената група во „Диво Насеље“

19.04.2016 15:20

Судскиот совет на Кривичниот суд го разгледува обвинителниот акт против групата што се товари за логистика на терористите, кои во ланскиот инцидент во кумановската „Дива населба“ усмртија 8 припадници на македонската полиција. Сите обвинети рекоа дека не се виновни. Обвинителот пак, тврди дека располага со докази, од кои се гледа дека обезбедувале пари, сместување и оружје...

Криеле терористи, ги хранеле и снабдувале со оружје – ова е наведено во обвинителниот акт за осуммината осомничени соработници на групата која лани, на 9 и 10 мај, во кумановската населба „Тоде Мендол“, усмрти осуммина припадници на полициската специјална единица. Тие беа спроведени пред суд  на оценка на обвинителниот акт.

Обвинителството тврди дека собирале информации за движењето на полицијата, организирале транспорт на терористи од Косово преку илегални премини и ги сместувале по подруми од селски куќи. Сите се македонски државјани.

Еден од осомничените- Фазли Османи е син на Сулејман Османи, кој се сомничи дека дома криеше голем дел од арсеналот оружје украдено од станицата во Гошинце. Со посебни истражни мерки, снимени се телефонските разговори на таткото и синот кои за Обвинителството имаат голема доказна вредност, но не и за одбраната.

Адвокатите сметаат дека нема доволно докази и побараа судот да го отфрли обвинението, а предметот да се врати во истражна постапка.

 

Анита Димитријевска