Регионлана берза: Најатрактивни акциите на Хрватскиот телеком и ИТ секторот

19.04.2016 15:56

Со регионалната платформа СЕЕ- Линк се нудат акции на 127 македонски компании. Реализирани се неколку трансакции, преку кои македонски државјани купиле акции во хрватски и бугарски фирми...

Тргувањето преку регионалната платформа СЕЕ- Линк станува сѐ поинтересно за инвестотрите. Се нудат акции на 127 македонски, 151 хрватска и 109 бугарски компании. Веќе се реализирани и неколку трансакции на македонски државјани кои купиле акции во хрватски и бугарски фирми. Неофицијално станува збор за помал број акции во Хрватскиот Телеком, производителот на телекомуникациска опрема Ериксон- Никола Тесла и во една бугарска компанија.

„Ова ќе придонесе за развдвижување на нашите инвеститори кои што одамна беа заинтересирани, но секогаш им кажувавме дека не може. Технички е регулирано, направени се софтверски решенија, законската регулатива е прилагодена. Кај нас требаше да се реши прашањето за плаќањата надвор, а тоа Народната банка го изрегулира“, изјави Кирил Митровски, Инвестброкер- Скопје.

Договори за тргување преку СЕЕ- Линк имаат склучено 6 домашни брокерски друштва и 4 брокерски одделенија на банките. Според берзата потребно е сите да извршат дополнување на постојната регистрација во Централниот регистар, за што е потребно претходно да добијат и согласност од Комисијата за хартии од вредност.

Досега 8 од 10-те брокерски куќи и банкарски одделенија добиле ваква согласност, велат од Комисијата. Исто така трговците со хартии од вредност ќе треба да склучат и билатерални договори најмалку со по една хрватска и бугарска брокерска куќа кои ќе ги реализираат налозите на македонските инвеститори.

И досега странски инвеститори можеа да купуваат македонски акции, а сега за првпат преку платформата и домашните инвеститори можат да купуваат капитал во хрватски и во бугарски компании, а наскоро се очекува и приклучување во проектот и на Белградската и на Љубљанската берза.

 

Свето Николовски