Инклузија на жените Ромки на пазарот на труд

19.04.2016 15:35

Ќе се мотивираат жените Ромки и жените од другите етнички малцинства да бидат конкурентни на пазарот на трудот. Обуките ќе траат шест месеци и ќе се одвиваат во Скопје, Битола и во Куманово. Проектот „Поддршка за инклузија на жените Ромки и жените од другите етнички малцинства на пазарот на труд“ е финансиран од Европската унија.

Ѓулакиме Бекир е 40- годишна жена од ромска националност. Не е вработена. Аплицирала на повеќе огласи, но вратите никако да ѝ се отворат. Таа е една од шеесетината жени кои се опфатени со проектот „Поддршка за инклузија на жените ромки и жените од другите етнички малцинства на пазарот на труд“. Ќе посетува обуки и професионални советувања.

„И јас сакам да имам работа, да работам како и другите жени, нормално... Сите имаат деца“, вели Ѓулакиме.

Проектот се реализира со пари од  Европската унија, во партнерство со ромската организација ДРОМ и Агенцијата за вработување. Со секоја од жените ќе се работи по индивидуална програма, согласно со нивните капацитети, можности, способности и потреби. Меѓудругото, програмата има цел да ги разбие стереотипите. 

„Овие обуки ќе им помогнат да ги подобрат своите вештини, како и дополнителна квалификација и преквалификација, со што ќе имаат можност да станат конкурентни на пазарот на труд“, вели Даниела Дабеска, претседател на македонскиот центар за женски права „Шелтер центар“.

Според УНДП, постојаната висока стапка на невработеност е една од главните причини поради која ромите се соочуваат со многу поголем ризик од сиромаштија од преостанатите етнички заедници. Сѐ уште се мета на предрасудите од потенцијални работодавачи.  

 

Ана Јосифоска- Тодоровска