Пријателски односи меѓу Македонија и Србија
Претседателот на Владата на Република Македонија...

Претседателот на Владата на Република Македонија,Никола Груевски, денеска во својот кабинет оствари средба со претседателот на Владата на Република Србија, Ивица Дачиќ, на која беа констатирани добрите пријателски односи меѓу двете држави, базирани на взаемно почитување, водење добрососедска политика со заложба за искористување на економските потенцијали кои стојат на располагање меѓу двете држави.
Премиерот Груевски истакна дека заедничката посветеност кон реализација на стратешките цели и економскиот развој отвора нови перспективи и овозможува помирување и затворање на отворените прашања од минатото во целиот регион.
Груевски потенцирал дека двете држави имаат интерес и можности за искористување на потенцијалите во повеќе сфери од заеднички интерес, како што е економијата особено инвестициите и развојот на трговската размена, претприемништвото, прекуграничната соработка и културата. Премиерот Груевски истакна дека и двете држави посветено работат на создавање на поволни услови за инвестициски напредок и привлекување на што е можно повеќе капитал кој би значел отворање на нови работни места. Истовремено, може да се најде и заеднички интерес во неколку значајни проекти од инфраструктурен карактер кои би допринеле за интензивирање на соработката. Премиерот Груевски посочи дека и двете држави ќе продолжат со искористување на заедничките искуства во реализација на евроатланските интеграции останувајќи посветени на тој процес како суштествено важна цел и за целиот регион. Притоа според Груевски, српската заедница, како досега, така и во наредниот период има свој активен придонес во почитувањето и ширењето на ваквите вредности и цели.
Премиерот Дачиќ истакна дека односите меѓу двете држави се на највисоко ниво, поздравувајќи го нивното интензивирање. Дачиќ оценил дека постојат добри примери и мерки кои се применуваат во Република Македонија и значително искуство, кои може да се искористат и применат во други полиња надвор од државата. Тој посочи дека разговорите за повеќе проекти од заеднички интерес покажуваат дека и натаму сме приврзани кон унапредување на билатералните односи на сите нивоа. Ваквата иницијативност е добар пример и за останатите држави, рече Дачиќ.
Соговорниците се согласиле дека динамизирањето на контактите ќе придонесе за соработка на различни полиња и реализација на конкретни проекти, а со цел заедничко напредување на перспективата на целиот регион особено кон исполнување на стратешката цел за европска интеграција.
