Единаесет доктори на специјализација во Белград и во Загреб
Дигестивна хирургија, офталмологија, гинекологија и акушерство, анестезиологија, трауматологија, интерна медицина и општа хиругија се специјалностите за кои ќе се усовршуваат лекарите.

Десет лекари ќе заминат на специјализација во Белград, а еден во Загреб- велат од Министерството за здравство. Лекарите ќе се усовршуваат во седум области, за кои има недостиг од кадар во болниците. Една од оние кои ќе заминат е и доктор Самарџиоска, која работи во прилепската болница. Во Белград, четири години ќе специјализира офталмохирургија.
„Се надевам дека ќе стекнам искуство и ќе се вратам со нови знаења од оваа специјалност. Се надевам дека ќе можам да ја развијам офталмохирургијата во прилепската болница“, вели д-р Моника Самарџиоска.
Дигестивна хирургија, офталмологија, гинекологија и акушерство, анестезиологија, трауматологија, интерна медицина и општа хиругија се специјалностите за кои ќе се усовршуваат лекарите.
„На пример општата болница во Прилеп ќе биде зајакната со тројца специјалисти и тоа една специјализација е обезбедена во областа од дигестивната хирургија и тоа ќе биде за првпат болницата да има специјалист од оваа област имајќи предвид дека досега специјалистите се од општата хирургија“, изјави министерот за здравство Никола Тодоров.
Според податоците на министерството, за четири години се одобрени повеќе од илјада специјализации на лекари.
Андријана Атанасовска
