Благодарение на Македонија, запрен напливот на мигранти кон европските дестинации

19.04.2016 16:22

Благодарение на Македонија, споредбено со предходните месеци, за 90 проценти е намален бројот на илегални преминувања на надворешните граници на Европската унија, во регионот на Западен Балкан - соопшти „Фронтекс“. За ова помогнал и договорот постигнат меѓу Европската Унија и Турција...

Првите резултати во справувањето со илегалната миграција се постигнати. По еден месец од ефектуирањето на договорот Брисел- Анкара и затворањето на Западно-балканската рута на чиј бедем се најде Македонија, запрен е напливот на мигранти кон европските дестинации. Контролата е воспоставена, но за тоа беа неопходни дополнителни непланирани напори и трошоци.

„Ако продолжиме да трошиме средства на ова ниво кое што е сега, на крајот на годината само за трошоци за војниците, за нивно сместување, за гориво ќе потрошиме речиси 8% од нашиот буџет, што е огромен издаток“, изјави министерот за одбрана Зоран Јолевски.

Состојбата на грчкиот дел од јужната граница е сѐ уште драматична. Неколку месеци без соодветни услови во кампот, над 12 илјади мигранти се на работ на истоштеноста. Кожни и други болести ги демнеат овие очајници, а најмногу безредието. Атина побара од Европа испраќање правни експерти за азил, бидејќи сѐ повеќе се бара регулирање на овој статус за да се избегне репатријацијата. Кај јужниот сосед се стационирани над 50 илјади мигранти. Проблем повеќе, грчкото законодавство не е приспособено со европското во делот на азилот.

„Ние утре ќе се состанеме со невладините организации во Грција за прераспределување на мигрантите. Тие треба да помогнат на најразлични начини во распоредувањето во некој од 32 кампови што ги подготвува грчката армија. На тој начин сакаме да го намалиме мигрантскиот притисок во Идомени, во Пиреја или на островите во близина на Турција“, изјави Јанис Музалас, министер за миграција на Грција.

Меѓу невладините се присутни и поттикнувачи на илегалната миграција низ Македонија кон Европа, потсети министерот Јолевски во интервјуто за глас на Америка. За да се сопре миграцијата и криумчарењето кои зедоа замав, во отсуство на заедничка европска одбрана реагираше Северо-западната алијанса.

„НАТО распореди шест брода во Егејско Море. Тие вршат извидувања, надзор и обезбедуваат навремени информации до турската и грчката крајбрежна стража, и до европската гранична агенција Фронтекс. Мислам дека соработката меѓу НАТО и Европската унија во Егејско Море е од огромно значење и поради фактот за наша практична помош на стражите и на ЕУ за справување со состојбата, но исто така, и поради тоа што нато создаде платформа за соработка меѓу Турција, земјите кои не се членки на Унијата и самата Европска Унија“, рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Челникот на Алијансата ја лоцираше причината за мигрантската криза во дејствувањето на речиси разбиената Исламска држава. Според принципот на нишалка, миграцијата од Сирија и Турција се префрла на бреговите на поделената Либија и оттаму низ медитеранот до Италија, оддалечена 350 километри морска линија. Овојпат заканата е уште поголема, со 20 милиони мигранти се од субсахарска Африка, за разлика од 3-те милиони сириски бегалци.

Зоран Богатинов