Агро бизнис зона- нов проект за земјоделците

19.04.2016 16:30

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски вели дека неговата партија има план за создавање агро-бизнис зона во Македонија каде што на едно место ќе се најдат компаниите кои се занимаваат со набавка на свежи и преработени земјоделски производи и од складишните центри...

Отворање на агро- бизнис зона, најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски како еден од зацртаните проекти на партијата. Вели дека на едно место ќе бидат отворени складишни центри за трговци и компании, кои преку акции ќе купуваат и продаваат земјоделски производи, зеленчук и овошје. Зоната ќе се оформи по примерот на холандската, која е најдобра во Европа- рече Груевски.

„Македонија ќе добие интегриран систем за пласман на земјоделското производство што ќе го намали бројот на учесниците во синџирот на набавка и ќе овозможи поповолна цена за земјоделските производители, но и механизам за воспоставување фер и амортизација на ценовните шокови во периодот на пазарни вишоци. Од суштинска важност е што на едно место ќе се соберат производителите и откупувачите во поголем број, што ќе го зголеми потенцијалот за постигнување конкурентни пазарни цени, што ќе ја сведе на минимум можноста за договарање и рушење на цените“, изјави Груевски.

Се предвидува зоната за продажба на зеленчук и овошје да се гради во регионот на Неготино. Изградбата би почнала кон крајот на 2016-та, а во 2018-та да се започне со работа.

Миле Ристески