Раст во сите сегменти во работењето на ФЗОМ во 2015 година
Според директорот Стефановски, се бележи раст во сите сегменти, зголемен е буџетот, издавањето рецепти, и на барањата за ин витро оплодување. Буџетот на фондот за лани бил 24,2 милијарди денари, а годинава е зголемен за 1,4 проценти.

Претставен извештајот за работата на Фондот за здравствено осигурување за 2015 година. Според директорот Стефановски, се бележи раст во сите сегменти, зголемен е буџетот, издавањето рецепти, и на барањата за ин витро оплодување. Буџетот на фондот за лани бил 24,2 милијарди денари, а годинава е зголемен за 1,4 проценти.
Анализирајќи го буџетот на ФЗОМ во последните 9 години, истиот се движи од 16,4 милијарди денари во 2007 година до 24,2 милијарди денари во 2015 година, што е значително зголемување. Годишно средствата за наведените години, бележат просечен пораст од 961,8 милиони денари секоја година. Трендот на зголемување продолжи и во 2016 година и порастот е околу 1,4 милијарди денари со вкупен буџет од 25,6 милијарди денари, истакна директорот на ФЗОМ, Сашо Стефаноски.
Потенцира дека нагорен тренд исто така бележат и буџетите на 113-те јавни здравствени установи за 2015 година и тој изнесува 12,8 милиони денари и додаде дека вкупната вредност на буџетите за ЈЗУ е зголемена за околу 5,4 отсто, а трендот на зголемување продолжува и годинава. Фондот во 2015 година за 2.638 приватни здравствени установи, појасни Стефаноски, исплатил 7,3 милијарди денари, што е зголемување од околу 380 милиони денари или приближно 5 отсто споредено со претходната година.
Осврнувајќи се на сегментот аптеки и снабденост со лекови, тој рече дека на секои 10.000 осигуреници има по 4,35 аптеки, а за споредба просекот во Европа е 3,03 аптеки на 10.000 жители, што покажува дека во Македонија достапноста на лекови е на високо ниво.
