Нов силен земјотрес во Еквадор

20.04.2016 14:58

Тлото на Еквадор не мирува. Стотици мртви, илјадници повредени. Помош пристигнува од 13 земји...

Само три дена по силниот земјотрес, се случи нов потрес од 6,2 степени по Рихтер. Бројот на загинатите надмина 500. Повредени се над 4.000 лица. Според претседателот Рафаел Кореа, обновата би можела да чини милијарди долари и да трае со години.

„Во лоши времиња, сите сме обединети. Соработуваме со луѓе од многу области, со полицијата, со војската, градежни странски компании кои веднаш ни понудија помош со машини. Им благодарам на сите, изјави Рафаел Кореа, претседател на Еквадор.

„Се уште се надеваме дека ќе најдеме повеќе преживеани. Успеавме да лоцираме еден човек кој ни помогна да го најдеме со мобилниот телефон.“

Еквадор добива помош од 13 земји и над 600 меѓународни експерти. Потресот се случи неколку дена по големите земјотреси во Јапонија. И двете земји се дел од таканаречениот „Огнен прстен“ во Пацификиот, но Американскиот геофизички институт смета дека несреќите не се поврзани поради големото растојание меѓу државите.

 

Маја Стојаноска- Филдишев