Германски бизнисмени: Политичката криза негативно влијае на бизнисот

20.04.2016 16:01

Германските бизнисмени во земјава оценуваат- актуелната политичка криза негативно влијае на бизнисот и на стопанството. Компаниите со германски капитал се жалат на дисциплината во наплатата и на правната сигурност. Сепак, не отстапуваат од плановите за отворање нови работни места и зголемување на инвестициите...

Македонија останува единствена земја од регионот и една од ретките во светот која има суфицит во трговската размена со Германија, односно двојно повеќе извезува отколку што увезува. Тоа е резултат на производните активности на многубројните фирми со германски капитал што работат за тамошниот пазар. Затоа не изненадува податокот од анкетата на Македонско- германското стопанско здружение во земјава, во која 75 % од членките  одговориле позитивно на прашањето дали повторно би ја избрале Македонија како земја за инвестирање.

Актуелната политичка криза влијае на оценката за годинава дека има мало влошување во општата состојба во стопанството. Од 59 анкетирани годинава, само 10% очекуваат подобрување на состојбата, додека лани оптимисти биле 21% од компаниите.

Дури 50% од фирмите во анкетата очекуваат полоша економска состојба во тековната година. Во однос на прашањето за позицијата на компанијата, сосема поинакви се бројките. Речиси половина од анкетираните ја оценуваат како добра, 47насто како задоволителна, а само 8 како лоша.

Анкетата покажала дека компаниите се оптимистички расположени за нови инвестиции и зголемување на бројот на вработени.

„40 насто од компаниите планираат да го зголемат бројот на вработени во однос на лани, 13 % планираат кратење на работни места, а 47 насто од компаниите не планираат ниту зголемување, ниту намалување на работните места. Слично како и лани 34 % од компаниите сакаат да ги зголемат своите инвестиции“, вели Мартин Кнап, директор на Германската стопанска комора во Македонија.

Добри оценки во анкетата добиле продуктивноста и работниот капацитет на вработените, нивните квалификации, академското образование, трошоците за придонеси, како и даночниот систем и даночното оптоварување. Најлоши оценки добиле правната сигурност, дисциплината во наплатата, политичката и социјалната стабилност, борбата против корупцијата. Од Здружението велат дека засега не очекуваат германските фирми да отворат нови инвестиции со 500 или повеќе вработени.

„Нови инвестиции во моментов немаме. Нема најава за отворање фирми со 500 или повеќе вработени. Но, такви најави нема ниту во другите земји од регионот. Битно е постојните инвестиции да се прошируваат и да се вработуват нови луѓе, што е доказ на доверба“, изјави Хегле Сандер, заменик- амбасадор на СР Германија во Р. Македонија.

Од германската стопанска асоцијација сметаат дека состојбата пред избори во земјава е слична како и во другите од југоисточна Европа и таа влијае врз економијата. Порачуваат да се угледаме на Западна Европа каде што политиката е одделена од економијата, а за бизнисите- вестите околу изборите се само информации од втор ред.

Свето Николовски