По Груевски и Ахмети резервира билет за Виена- Заев условува
По Груевски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети го потврди учеството на средбата во Виена, закажана в петок. Вели дека посакува договор. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, своето учество го услови со повлекување на аболицијата и одложување на изборите. За ВМРО-ДПМНЕ, ваквиот став е неодговорен и на штета на државата...

По Груевски, поканата за лидерската средба во виена ја прифати и Ахмети. Од ДУИ потврдуват дека првиот човек на интегративците резервирал авионски билет за австриската престолнина. Според него, на состанокот треба да дојдат претседателите на сите најголеми четири партии.
Заев го услови присуството- Иванов да ги повлече сите одлуки за помилување и Собранието да се состане и да ја повлече одлуката за одржување на изборите на 5-ти јуни. Според него, Груевски, Иванов, Вељановски и ВМРО-ДПМНЕ го, како што вели, погребале договорот од Пржино.
„Ги срушија сите принципи на коишто почиваше- организирање фер и демократски избори, одговорност за сторениот криминал, преодна влада. Заради ваквото нивно однесување СДСМ не може да се врати на преговарачка маса како ништо да не се случило. За преговарачкиот процес да стане возможен ВМРО-ДПМНЕ мора да покаже дека договореното ќе го почитува“, изјави Заев.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Заев донел деструктивна одлука бегајќи од разговори кои водат кон избори и решавање на кризата. Според владејачката партија, претседателот на Социјал- демократите со потегот покажал дека има намера Македонија да ја држи во заложништво заради спас на сопствената кариера.
„Со денешното бегање од разговори, Зоран Заев потврди дека е во паника од соочување со народот на изборите закажани за 5 јуни. Тој знае дека Македонија не го поддржува него и неговата политика за натамошно продлабочување на кризата и разорување на земјата. ВМРО- ДПМНЕ било и ќе остане конструктивно кога е во прашање иднината на Република Македонија. Подготвени сме да учествуваме на разговори кои ќе значат излез од сегашната состојба“, изјави Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што објави Брисел, целта на состанокот на еврокомесарот Хан, пратениците Вајгл, Кукан и Ховит и лидерите на партиите, е да се разговара за начините за решавање на политичката криза и да се потврди договорот од Пржино.
Во Виена ќе одат и двајцата амбасадори во земјава, европскит и американскиот, Орав и Бејли.
Миле Ристески
