Есма Реџепова на турнеја низ САД

21.04.2016 09:38

Македонската Кралица на ромската музика со групата Господари на фолкот со воодушевување беа примени од американската публика во американската престолнина. Есма Реџепова како дел од американската турнеја настапи во најголемата светска библиотека, Конгресната библиотека и во престижниот Кенеди центар во Вашингтон...

Само Македонската Ромска кралица Есма Реџепова може среде работен ден да наполни полна сала и да ја крене публиката на нозе во Вашингтон. Есма има илјадници американски фанови, а стотина од нив ја дочекале на аеродромот во Њујорк. Со концертите и предавањата во САД за овие две недели престој, таа е најдобриот македонски амбасадор.

„Во многу градови во Америка ќе гостувам овој пат. Ова ми е 12-ти пат на гостување во Америка. Овде имам многу пријатели, другари и можеби едно 120 илјади љубители на Југоисточно европска музика или Балканска музика која ја сакаат и за која им предавам и ги знам доста од нив. Можам да кажам дека во Њујорк едно 100 луѓе ме дочекаа на аеродром, така што беше прекрасно. Дочекот беше многу добар“, вели Есма Реџепова.

„Многу групи коишто постојат во Америка, американски групи ги применуваат моите македонски и ромски песни. Така да кај американскиот народ доста сум позната, ме сакаат и драго ми е што Америка ме прогласи, сите радио станици од цел свет ме прогласија за втор најдобар глас во светот. Тоа е едно големо признание за мене и за Македонија“, додава Реџепова.

Според книгата на рекорди на Конгресната библиотека, Есма Реџепова е рекордер меѓу уметниците по бројот на посети на држави, вкупно 106 земји во светот. Со ова таа влегува во категоријата на политичарите коишто најмногу патувале како поранешните американски државни секретари Хенри Кисинџер. Медлин Олбрајт и Хилари Клинтон.

„Есма ја започна кариерата на 13-годишна возраст и е легенда, не само во Македнија, туку и на Балканот и меѓу луѓето од Македонија и од поранешна Југославија и ромите низ целиот свет.Таа настапувала насекаде и во села. Таа е хуманитарец и одржувала добротворни концерти за помош на бегалци и раселени лица“, изјави Керол Сиверстон-професор на Универзитетот во Орегон.

Кралицата на ромската музика е позната и по својата хуманитарна работа, а наскоро во Скопје ќе го отвори Домот на хуманоста и музејот на ромска музика. Есма наскоро ќе прослави 60 години настапи на музичката сцена. Таа е прогласена за втор најдобар глас во светот, Лауреат на ромската музика во светот и македонски национален уметник.

Концертот на Есма Реџепова во Конгресната библиотека во Вашингтон е еден од 90-те концерти во концертната сезона 2015/16.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ