Иванов: Во тек се консултации за правно решение за помилувањата

21.04.2016 14:19

Претседателот информира дека од досега извршените консултации со врвните правни експерти во државата, не е изнајден правен основ за повлекување на одлуката.

Претседателот Иванов се консултира со правни експерти за изнаоѓање можно правно решение за одлуката за помилување, односно ослободување од гонење без спроведување постапка. Во писмената изјава шефот на државата потсетува и на неговото последно обраќање, за пристигнатите лични барања за повлекување на одлуката. Претседателот информира дека од досега извршените консултации со врвните правни експерти во државата, не е изнајден правен основ за повлекување на одлуката.

„Консултациите продолжуваат во насока на изнаоѓање решение. Ги повикувам и лидерите на политичките партии, потписници на договорот од Пржино, да се вклучат во овој процес и да понудат правно решение што ќе биде во согласност со уставот и законите на Република Македонија“, вели во писмената изјава претседателот Иванов.

Посочува дека ќе постапува единствено и исклучиво, според Уставот и Законите. Коментирајќи ја актуелната ситуација и протестите на граѓанските организации и здруженија, претседателот на државава вели дека секој има право да го искаже незадоволството, но без нарушување на редот и на мирот.

„Никому не му е ускратено правото да искаже незадоволство или протест за која било одлука на која било државна институција. Но, во остварувањето на тоа право повикувам да не се нарушуваат јавниот ред и мир и да не се уништуваат приватниот и државниот имот“, нагласува Иванов.

Република Македонија, како што вели, се соочувала со предизвици и кризи, но секогаш преку дијалог во институциите, изнаоѓала решенија, пред се водејќи се од државниот и од интересот на граѓаните.

 

Милчо Велески