Јагланд: Партиите да го почитуваат договорот од Пржино
Генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд, ги повика сите партии од Република Македонија да го почитуваат договорот од Пржино и со тоа да се одржат избори, на кои ќе можат да земат учество сите. Додека Комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) за следење на обврските на земјите членки на Советот на Европа, расправаше за ситуацијата во Македонија и е најавено испраќање на делегација во предизборна мисија во текот на идната недела...

Расправата во Монитроинг комисијата, како по обичај се одвива зад затворени врати и овој пат во отсуство на македонските парламентарци кои не присуствуваат на пролетната сесија, поради расуштеното Собрание. Оваа расправа е во рамките на пост-монитроинг дијалогот.
Од состанокот не излезе ништо конкретно и известувачите за Македонија не сакаа да даваат изјави.
Генералниот секретар на Советот на Европа Торбјорн Јагланд, беше единствениот кој од претставниците на Советот на Европа кој официјално ги коментираше случувањата во Македонија. Ова, откако францускиот пратеник Пјер Ив Ле Боргн, портпарол на социјалистичката група при Паралементарното Собрание на Советот на Европа, кој се осврна на ситуацијата во Македонија предизвикана по амнестијата донесена од страна на претседателот Ѓорге Иванов.
„Јас сум шокиран од амнестијата дадена минатата недела од македонскиот претседател Иванов на повеќе од 50 лица вмешани во тешкиот скандал со телефонски прислушувања, за кои беше назначен специјален обвинител“, изјави францускиот пратеник Пјер Ив Ле Боргн.
Според Боргн оваа одлука не ги почитува договорите од јули 2015 и претставува закана за изборите од 5 јуни и го прави несигурен евро-атлантскиот пат на Македонија.
Генералниот секретар на Советот на Европа одговори дека бил изненаден кога прочитал дека претседателот на Република Македонија, донесе таква одлука.
„Ние следиме одблиску што се случува на теренот. Од тоа што ние разбираме, постигнат е договор за спроведување на истраги за различни афери, и дека треба да бидат органиизрани избори“, рече Јагланд.
Но, според него многу нешта се изменија, повикувајќи ги сите партии да го почитуваат договорот и да се одржат избори.
„Ми се чини дека многу работи се променија. Oстанува фактот и апелирам, до сите партии да се придржуваат кон одредбите од договорот, така што изборите да бидат ефикасно организирани и секој да може да учествува“, заврши Јагланд.
Наш извор од ПССЕ само ни потврди дека идната недела за Македонија ќе треба да замини предизборна делегација на ПССЕ, која сака да се запознае со подготовките на закажаните избори за 5-ти јуни, но и воопшто со политичката криза која ја тресе нашата земја.
Тони Гламчевски, дописник од Стразбур за МРТ
