Одбележан Светскиот ден на книгата
Во пресрет на Светскиот ден на книгата и авторското право, 23-ти април Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ одбележа 1.100 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски и 400 години од смртта на светските автори Мигуел Де Сервантес и Вилијам Шекспир. Светскиот ден на книгата се одбележува на 23-ти април, датумот на кој во 1616 година починале двајцата великани на светската книжевност Сервантес и Шекспир.

Чествувајќи ја книгата се чествува колективната историска меморија на човештвото, порача директорот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“. Во пресрет на Светскиот ден на книгата и авторството се одбележаа и 1.100 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски и 400 години од смртта на светските автори Мигуел Де Сервантес и Вилијам Шекспир.
Она што Шекспир го творел пред 400 години е прифатливо и применливо до ден денес, нагласи британскиот амбасадор во земјава. А, според амбасадорот на Шпанија, литературата ги отвора вратите на имагинарното и читајќи ги делата и ликовите стануваат дел од нас, додека ние стануваме дел од нив.
За да стане судбина историјата мора да се легитимира минувајќи низ книжевноста и обратно, за да се легитимира книжевноста мора да мине низ историјата- порача Љубиша Георгиевски читајќи ја македонската порака.
Генералниот директор на УНЕСКО, Ирена Бокова по повод Светскиот ден на книгата и автортството во својата порака вели дека книгата е врска меѓу минатото и иднината. Таа е мост меѓу генерациите и културите. Таа е посредник меѓу создавањето и сплотувањето на мудроста и знаењето.
Ана Јосифоска- Тодоровска
