СЈО отвори истрага за „Космос“

21.04.2016 16:29

Специјалното јавно обвинителство отвора истрага за уривањето на објектот „Космос“ на Фијат Цаноски. Во предметот „ТНТ“ има сомнежи за политичка одмазда и за незаконско постапување...

„ТНТ“ е нова истрага што ја отвора Специјалното јавно обвинителство. Од тимот на Катица Јанева велат дека станува збор за уривањето на комплексот „Космос“ во 2011-та година кој беше во сопственост на Фиат Цаноски. Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека првоосомничената е градежна инспекторка од општина Гази Баба. Постоело сомнеж дека постапката за уривање, ја реализирала спротивно на законите.

„Искористувајќи ја нивната политичка моќ со умисла го поттикнале да стори кривично дело Градоначалникот на општина Гази Баба, кандидиран од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и кој исто така со одлука на претседателот на Република Македонија е помилуван- ослободен од кривично гонење, да тој ја искористи својата службена положба и да најде начин да незаконски го сруши станбено-деловниот објект Космос, што бил граден од оштетениот сопственик Фијат Цаноски“, изјави обвинителката Фатиме Фетаи.

За четворица осомничени, Специјалното обвинителство ќе бара од скопскиот Кривичен суд мерки за обезбедување присуство во постапката. Преостанатите тројца од осомничените, поранешен претседател на влада и министер за транспорт и врски, како и актуелен градоначалник, се помилувани со одлука на претседателот, Ѓорге Иванов.

„Доколку одлуките за аболиција бидат повлечени би имало одредени импликации на нашите премети. Не би прејудицирале во овој момент како тоа би влијаело на нашата работа, би почекале да видиме дали ќе дојде до такво нешто, а потоа секако доколку тоа влијае и на било кој начин имаме измени, ќе бидете благовремено известени“, изјави обвинителката Ленче Ристоска.

Специјалната обвинителка Катица Јанева вели дека злоупотребата на институционалните механизми има последица врз слободата и правата на граѓаните.

„Селективноста во постапките за дискриминација на политичките неистомисленици преку нанесување директна штета претставува очигледен пример за класична злоупотреба на институционалните капацитети од страна на носители на највисоки јавни функции“, рече специјалниот обвинител Катица Јанева.

„ТНТ“ е петти случај што го отвора Специјалното јавно обвинителство. Претходно беа отворени „Титаник“, „Тортура“, „Тврдина“ и „Транспортер“.

Наташа Гркова- Петрушевска