Откажана лидерската средба во Виена

21.04.2016 16:56

Лидерската четворка нема да се сретне со комесарот Хан и со тројката европратеници. Средбата во Виена е откажана. Брисел бара да се спроведе владеењето на правото кое, како што вели, го поткопува договорот од Пржино. Европската унија порачува- топката е сега во рацете на политичарите, пропаѓањето на договорот ќе има сериозни последици за земјата.

Европската комисија со жалење објави дека е откажан утрешниот состанок во Виена. Не прифаќањето за учество на средбата од страна на председателот на Социјал-демократскит сојуз, односно условувањето за ново одложување на изборите како и повлекување на аболицијата дадена од претседателот на државата Иванов- е единствената причина за одложувањето на состанокот инициран од претставниците на ЕУ, тројцата европратеници Вајгел, Кукан и Ховит и еврокомесарот Јохан Хан, а со цел како што беше истакнато, да се изнајде решение за надминување на политичката криза во земјава.

„Ние жалиме што средбата во Виена нема да се одржи“, се вели во соопштението од Кабинетот на  Хан. „Ние континуирано велевме дека кршењето на договорот од Пржино ќе има сериозни последици за државата. Ние длабоко жалиме за било кои ретроградни чекори во Скопје, кои ќе ја оддалечуваат земјата од членството во Европската Унија“- стои во соопштението.

Во кусото соопштение се вели и дека ЕУ им останува на располагање на сите засеганати страни сега и во иднина, но дека демократскиот напредок зависи од партиите, а е во интерес на граѓаните на државата.

Инаку, портпаролката Коцијанчич изминативе два дена во име на Европската комисија потенцираше дека учесвото на лидерите на партиите на вонредно закажаната средба во Виена ќе биде од интерес на македонските граѓани.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ