Бизнисмените бараат носење на детален урбанистички план во зоната во Визбегово
Бизнисмените од северо-западната комора бараат носење на детален урбанистички план во индустриската зона Визбегово. Велат дека инвеститорите не можат да чекаат на долгите процедури...

Најголем проблем за новите инвестиции во индустриската зона Визбегово е немањето детален урбанистички план, поради што инвеститорите чекаат повеќе месеци на добивање на потребната документација. Стопанската комора на северо-западна Македонија бара од државата еднаков третман на домашните со странските инвеститори и поголеми вложувања во комуналната инфраструктура во зоната.
„Индустриската зона Визбегово функционира подобро од сите други зони во земјава иако имаме само 1 или 2 странски инвеститори кои кога дојдоа овде да инвестираат им се даде многу внимание, без разлика што нивната инвестиција е можеби 5 пати помала од некоја на домашен бизнисмен. Значи нему му се донесе и вода и струја. Стана цело министерство на нозе, а ние имаме проблем немаме пат, а имаме големи инвестиции на кои не им се дава никакво внимание. Тука е проблемот“, вели Неџат Шахини, претставник на индустриската зона Визбегово.
Бизнис- заедницата од Визбегово очекува државата да им помогне околу реализирање на покрупните инвестиции во комуналната инфраструктура и за ДУП-от.
„Ова е една од најуспешните зони која е целосно приватна инвестиција на домашни компании и бараме Владата повеќе да биде посветена на домашните компании затоа што тие овде годишно создаваат производ вреден 200 до 300 милиони евра“, вели Неби Хоџа, претседател на Стопанската комора на северо-западна Македонија.
Коментирајќи го затворањето на супермаркетот „Карфур“ од комората велат дека вкупната сума што ја побаруваат нејзините членки изнесува 2 милиона евра и очекуваат да бидат обесштетени во стечајната процедура.
Свето Николовски
