Украина

Можна вонредна состојба во Украина

27.01.2014 10:25

Украина е пред објава на вонредна состојба...

Украина е пред објава на вонредна состојба. Министерката за правда Олена Лукаш им се заканува на демонстрантите ако не ја ослободат зградата на нејзиното Министерство во која се барикадираа.

„Заземањето на Министерството за правда е симболичен чин на револуцијата. Им ја одзедовме правдата на властите“, велат демонстрантите.

Откако опозициските лидери Јаценјук и Кличко ги одбија премиерското и заменик-премиерското место што им ги понуди Јанукович за се смират состојбите, протестите се шират и во источните региони кои традиционално имаат поблиски врски со Русија, и каде што претседателот Јанукович има силна поддршка. Во Донецк, поддржувачи на Јанукович мафтаа со руски знамиња и извикнуваа „Стоп за Мајданот“. Демонстрантите ја обвинуваат власта дека пратила свои титушки, маскирани и со бејзбол палки, да провоцираат нереди.

„Како што гледате, организирани се. Маршираат во колони и носат бели маски. Се мешаат со нас и носат иста облека. Ситуацијата е комплицирана“, обвинува еден од демонстрантите.

Демонстрантите зазедоа административни згради во 10-тина градови – Одеса, Харков, Суми, Запорожје, Черкаси и Чернив се дел од градовите што и се придружија на револуцијата.

Режимот на Јанукович се распаѓа. И го предаваме симболот на револуцијата на оригиналната администрација. Ако треба ќе го покриеме со гуми и ќе го изгориме во пеколот со сета расипана власт“, порача регионалниот партиски лидер на „Удар“ Вјачеслав Серпокрилов.

При обидот за јуриш на неколку владини згради и новинската агенција Интерфакс-Украина во Днепопетровск дојде до судири меѓу демонстрантите и полицијата. Според социјалните медиуми, специјалците се судриле со демонстрантите кои одговориле со камења. Шефот на администрацијата во Севастопол Владимир Јакуба изјави дека Украина е на работ на граѓанска војна, предизвикана од „фашистички насилници, обучувани од специјалци“

 

Ивана Салтировска