Попоски од Солун: Нема да дозволиме правење хаос на границата

22.04.2016 17:04

Бегалската криза и соработката меѓу земјите за поголема контрола, во фокусот на средбата на шефовите на дипломатиите на Грција, Македонија, Албанија и Бугарија што се одржа во Солун. Попоски и Коѕиас не разговарале за спорот со името. Договориле состанок на работните групи за мерките за градење доверба...

Заврши дводневниот министерски состанок во Солун на тема прекугранична соработка и бегалска криза. Мора да пратиме јасна порака, а тоа е дека патот низ Балканот за бегалците нема да го има истиот развој како во минатата 2015 година, порача шефот на македонската дипломатија Никола Попоски во рамите на заедничката прес-конференција со грчкиот, бугарскиот и албанскиот колега.  

Конечното решение мора да го содржи и овој елемент односно дислоцирање на сите мигранти во шатори од самата гранична линија во центрите за прием кои постојат на грчка територија и без тоа да го направиме мислам само ќе се зголемува хуманитарната криза и ќе предизвикуваме дополнителни безбедносни ризици кои не се ниту грчки ниту македонски интерес во овој момент, порача министерот Попоски.

Дали има нови моменти околу невладините организации што до одредена мера ги организираа инцидентите на границата, која е нивната цел и состав, а пред сѐ, која е улогата на соросовите невладини организации во овој контекст?

Една работа е сигурна, а тоа е дека постојат активисти, постојат невладини организации и круимчари кои работат со една цел , да ги поништат сите оние резултати кои се направени за контрола на границите. Работат на терен и ги поттикнуваат мигрантите дека со доволен притисок и со доволно насилство може повторно да се отвори мигрантската рута и да стигнат до Германија. Нашата порака е многу јасна: ќе соработуваме со сите организациии кои што помагаат за хуманата димензија на терен да биде правилно адресирана и има многу луѓе кои доаѓаат со добра намера, од овие активисти и НВО кои што имаат за цел да им помогнат на луѓето во потешкотии, но има исто така и значителен број на такви кои имаат агенда за додавање на масло на огнот и за создавање хаос на терен. Ние нема да дозволиме тоа да се случи и со сигурност одлучно ќе одговориме на сите вакви обиди, истакна македонскиот министер, одговори шефот на македонската дипломатија.

Учесниците на дводневниот состанок изразија задоволство поради неговото оддржување, а договорено е вакви средби да се организираат и во иднина, најмалку на секои шест месеци.

Овој состанок ни помогна да имаме искрени врски и врски на доверба, а не да бидеме под сомнеж. Знаеме дека имаме разлики, но надворешната политика значи да се обидуваме да најдеме подобар начин за општествата и државите да им пристапуваат на проблемите, истакна домаќинот, грчкиот министер Коѕиас.

На маргините на состанокот, шефот на македонската дипломатија оствари и билатерални средби со грчкиот и бугарскиот колега, Никос Коѕиас и Даниел Митов.

 

Марија Котовска- постојан дописник од Грција за МРТ