Вакцините во Македонија се безбедни
Се намалува бројот на вакцинирани деца. Докторите тврдат дека вакцините во земјава се безбедни, пред да се употребат, нивниот квалитет се контролира. Родителите со поделени мислења. Во Македонија поливалентните вакцини се воведоа во август минатата година...

Лекарите тврдат- вакцините се безбедни, родителите веруваат, но, имаат дилема за имунизацијата за одредени болести. Според надлежните, антивакциналните кампањи резултирале со намален опфат на вакцинирани деца, но, алармираат, ако овој тренд продолжи, може да се вратат болести кои ги немало со децении.
„Постои реална можност да се вратат заболувања кои сме ги немале како парализадата и дифтеријата или болести кои се јавувале во мал број, а сега да се вратат во епидемиска форма како морбили, заушки, голема кашлица и други. Македонија има вакцини од најреномирани производители, од Белгија, од Франција и од Бугарија, признаени од Светска здравствена организација“, изјави д-р Јованка Костовска- Министерство за здравство.
Според родителите, колективниот имунитет не смее да опадне. За да ги заштитиме децата од заразни заболувања мораме да ги вакцинираме- велат тие.
„Ги примаме сите вакцини од самото раѓање. Мислам дека тоа е важно за заштита на здравјето на детето, не само на моето дете туку на целокупната заедница.“
„За да имаме здрава младина, здрава популација треба децата да ги заштитиме на време. Мислам дека вакцините во Македонија се доволно испитани.“
„Мала температура, оток на раката, доколку вакцината е во рака, но други несакани ефекти до сега не сме имале. Мислам дека сите мајки треба да ги вакцинираат децата“, велат родителите кои ги анкетиравме.
Минатата година во земјава беа воведени поливалентните вакцини. Со нив бројот на боцакање кај децата е намален од 13 на 7 пати. Лани опфатот на имунизација бил 94 проценти.
„Бројот на деца кои што се носат на вакцинација од кога се воведоа поливалентните вакцини е поголем. Имавме мал пад на МПР вакцината на првата доза, ревакцината одлично се одвива. Меѓутоа на првата доза сметаме дека сеуште е присутен стравот кај родителите од оваа вакцина и нејзиното давање го одложуваат нејзиното давање наместо на 13 месеци, ја даваат после 16-от месец“, вели д-р Татјана Баевска Вучковиќ - директор на Здравствен дом - Скопје.
Под мотото „Заштити, Спречи, Вакцинирај“ - во земјава се одбележа Европската недела за имунизација.
Андријана Атанасовска
