Објавени препораки за спречување на болеста чвореста кожа кај говедата
По официјалната потврда за присуство на болеста на чвореста кожа кај говедата, во Македонија се преземаат сите потребни превентивни мерки.

Агенцијата за храна и ветеринарство подготви детално упатство за преземање на биосигурносни мерки на фарма со цел да се спречи болеста. Една од мерките е спроведувањена добра хигиенска пракса при што се препорачува фармата да има само еден влез, да се врши дезинфекција на чевли и раце и да се користи заштитна облека при работа.
Дел од мерките се однесуваат и на контрола на движењето на животните и нивна евиденција, да се користи исправна храна и вода, а најважно е да се постават заштитни мрежи и да се користат ефикасни средства за уништување на глодарите и инсектите.
Важно е да се отстранат сите предмети каде се собира и задржува вода бидејќи застојаната вода е поволно место за размножување на инсекти.
Вакви превентивни мерки се преземаат бидејќи бројот на заболени грла во просек може да се движи од 5% до 45%, а бројот на угинати животни до 10% со особена смртност кај младите грла.
Имајќи предвид дека говедарството е значајна стопанска гранка во Републик Македонија, се апелира до сточарите да ги следат препораките од Агенцијата за храна и ветеринарство за да се сведат на минимум последиците од оваа болест.
Тања Сарандеска
