Круз и Кејсик се здружија против Трамп

25.04.2016 12:32

Договорот предвидува кампањата на Кејсик да му го отвори патот на Круз во Индијана, а за возврат кампањата на Круз, пак, ќе му го отвори патот на Кејсик во Орегон и Ново Мексико.

Ривалите  на фаворитот за номинација на Републиканската партија за претседател на САД, Доналд Трамп, Тед Круз и Џон Кејсик презедоа необичен потег, објавувајќи план да ги координираат своите стратегии на внатрепартиските избори во преостанатите држави со цел да му ги одземат делегатите на Трамп потребни за директна номинација на партијата.

Тие речиси истовремено објавија соооштенија во кои се наведува дека постигнале договор без преседан во американската политика. Договорот предвидува кампањата на Кејсик да му го отвори патот на Круз во Индијана, а за возврат кампањата на Круз, пак, ќе му го отвори патот на Кејсик во Орегон и Ново Мексико.

Од кампањата на Круз соопштија дека именувањето на Доналд Трамп за кандидат на Републиканската партија на претседателските избори во ноември би била сигурна катастрофа за Републиканците. Оттаму сметаат дека на изборите Клинтон или Сандерс би го избришале подот со Трамп и дека неговата номинација би ја уназадила партијата за една цела генерација. Главниот менаџер во кампањата, Џон Вивер, додаде дека нивната цел е во Кливленд во јули да се одржи отворена конвенција за да се осигураат дека за кандидат на Републиканската партија ќе биде прогласен човек способен да ја обедини партијата на изборите.

Договорот меѓу Круз и Кејсик претставува голем пресврт кога станува збор за стратегијата на Круз, чиј тим минатата недела остро се противеше на идејата на координиран напор против Трамп.

Соопштението на двцајцата ривали доаѓа на само 48 часа пред почетокот на внатрепартиските избори на североистокот на САД, каде што се очекува дека контроверзниот милијардер ќе го зголеми својот и онака голем број делегати.

 

Марина Автовска