Победа на Вучиќ на изборите на сите нивоа, опозицијата обвинува за изборна кражба!
Александар Вучиќ ја прогласи победата на изборите како историска, изјавувајќи дека иако може, сепак нема сам да ја составува Владата. Изборните резултати ги оспори опозицијата со обвинение дека е направена изборна кражба...

Голема победа на СНС и Александар Вучиќ на вонредните парламентарни избори, како и на покраинските и на локалните избори. Според прелиминарните резултати на РИК напредњаците освоија 48,25% гласови или 131 мандат, повеќе од половина од 250-те пратеници во Собранието. Александар Вучиќ ја прогласи победата на изборите како историска, изјавувајќи дека иако може, сепак нема сам да ја составува Владата.
„Резултатите се подршка на демократијата, реформите, меѓународните заложби и на евроинтеграциите. Покажавме дека Србија е обединета во желбата за подобра иднина. Граѓаните повторни ни укажаа част да ја водиме Владата на Србија“, изјави Александар Вучиќ, претседател на СНС.
Втора политичка сила е СПС на Ивица Дачиќ. Со 11% освоени гласови таа доби 30 пратенички места. Иако немаат договорено коалиција- истата е извесна по изборите, поради подршката на Дачиќ на политичката визија на Вучиќ. Со тоа напредњаците и социјалисти би имале двотретинско мнозинство од 161 мандати.
Десницата се враќа во собранието како трета политичка опција. Радикалите на Шешељ со освоените 8% или 21 пратеници и ДСС и Двери со 13 пратеника со антиевропската и анти-нато опција ќе му се спротивстават на Вучиќ за влез во ЕУ.
Но, изборните резултати ги оспори опозицијата со обвинение дека е направена изборна кражба. Тие на заедничка прес конференција побараа целосен увид во изборните записници.
„Подготвени сме да ја заштитиме демократијата. Секој глас ќе го заштитиме со сите парламентарни и политички средства и со протести и со апел до Советот на Европа,ОБСЕ и на др.меќународни институции“, вели Бојан Пајтиќ, претседател на ДС.
Според резултатите опозицијата едвај го надмина изборниот цензус. ДС освои 6% и 16 мандати, најголемото изненадување Саша Радуловиќ е со ист резултат, а Тадиќ и Чеда Јовановиќ- со 5,03% од гласовите доби 13 пратеници.
Излезеноста на изборите изнесува 55%, а изборите засега ќе се повторат во Врање и Јагодина.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
