Средба Зариф- Попоски: Економијата и туризмот идни области за соработка
Бегалската криза како глобален проблем, тема на разговор меѓу иранскиот и македонскиот министер за надворешни работи. Попоски во Техеран се сретна и со претседателот на исламската република, Рохани. Симнувањето на санкциите кон оваа земја терба да ги врати во живот и билатералните односи со државава. Приоритет- економијата и туризмот...

Неоткриен потенцијал лежи во билатералните односи меѓу Иран и Македонија, пред сѐ во економската и во туристичката област, но и во размената на културните вредности.
Создавањето на директните врски меѓу двете земји, можноста иранските туристи да ја посетат Македонија, како и македонските да се запознаат со богатата понуда на Иран, ќе се создаде преку отворањето македонска амбасада во Техеран. На вториот ден од посетата на исламската република, шефот на македонската дипломатија Попоски беше еден од малубројните министри за надворешни, којшто по скорешното симнување на санкциите на ООН за исламската република, имаше средба со претседателот Рохани во претседателската резиденција, но и со претседателот на парламентот Лариџани.
Со неговиот домаќин, шефот на иранската дипломатија беа разменети мислења и за веројатно најактуелниот предизвик, мигрантската криза и тероризмот, закани за целиот Евроазиски регион.
„Македонија е една од балканските земји преку кои минуваат сириските и ирачките бегалци од Грција до другите европски земји. Истовремено, оваа земја е изложена на опасност од тероризам и екстремизам. Значи, постои опасност во оваа земја. Дискутиравме за политички прашања и се консултиравме за да размениме мислења за политиката“, велки шефот на иранската дипломатија, Мохамед Џавад Зариф.
Според бројноста, иранските мигранти кои лани минаа преку Македонија до Европа, беа веднаш зад Сиријците, Ирачаните и Пакистанците. Мора да се смират конфликтите на Блискиот Исток и пошироко, за надминување на илегалната миграција, изјави шефот на македонската дипломатија на прес- конференцијата во иранското министерство за надворешни работи.
„Не се залажуваме дека ова ќе се реши брзо ниту дека една земја би можела да го реши ова на своја рака. Факт е дека имаме наплив од луѓе, а над 2 милиона луѓе стигнале до западна и северна Европа од почетокот на 2015-та година. Ако сакаме да заврши бегалската и мигрантската криза, мора да ги разгледаме можностите за смирување на конфликтите на Блискиот Исток и во поширокиот регион“, изјави шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски.
Иран и Македонија се дестинации, предизвик за македонските и за иранските стопанственици, за што и се одржа и бизнис форум во иранската стопанска комора. Интерес покажаа 20 македонски компании, како и 30 ирански од областа на металопреработувачката и електро-индустријата, нафтената индустрија, туризмот, прехранбената и градежништвото.
„Витаминка“ од Прилеп потпиша и меморандум за соработка со сродна компанија од исламската република. Вчера во Техеран беше потпишана и програмата за културна соработка меѓу Иран и Македонија 2016- 2020 година.
Зоран Богатинов
