Случај „Космос“: Цаноски бара одговорност, Трајковски вели- постапувавме законски

25.04.2016 17:05

Фијат Цаноски, инвеститорот на објектот Космос, побара од претседателот Иванов да ги повлече аболициите, за со градоначалникот на Гази Баба да се видат на суд. Трајковски одговори: постапувавме законски. Тоа може да се докаже во каква било постапка. За уривањето на Космос, Специјалното обвинителство го отвори предметот „ТНТ“...

Од Партијата за европска иднина бараат одговорност за рушењето на објектот Космос. Според нив, градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски треба да поденесе морална и правна одговорност. Истовремено се бара и повлекување на аболицијата од претседателот Иванов. Според претседателот на партијата, Цаноски сите инволвирани страни врз кои е поведена кривична постапка од СЈО потребно е да поднесат барање за повлекување на одлуките за помилување.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Трајковски, вели дека Космос била дивоградба и случајот не е третиран поинаку, ниту се работи за политички реваншизам. Според него, целокупната постапка за случајот Космос се водела законски. Апелираше до Цаноски да ја презентира целата документација што ја доставил до општината. 

Специјалното јавно обвинителство неодамна отвори истрага за случај „ТНТ“ поради сомнеж за незаконско уривање на комплексот Космос.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска