Украина: 30 години од нуклеарната катастрофа во Чернобил
Чернобил е сериозна лекција за челото човештво, изјави рускиот претседател Путин по повод три децении од хаваријата на украинската нуклеарна централа. И по 30 години се уште не се познати докрај последиците што се изразуваат во мутации и аномалии кај живиот и растителниот свет. По луѓето, беа зафатени и животните, велат биолозите. ЕУ издвои 20 милиони евра за натамошно санирање на животната средина околу Чернобил.

Во Украина денеска се одбележува 30-годишнината од нуклеарната катастрофа во Чернобил, до која дојде по експлозија на реакторот на централата. Експлозијата и пожарот што следеше исфрлија радиоаквитни честички во атмосферата кои наредните денови се раширија низ поголемиот дел од Европа.
Во несреќата и во спасувачката операција за гаснењето на пожарот загинаа вкупно 30 луѓе, а во 2005 година, ОН објавија дека околу четири илјади лица починале како последица на болести предизвикани од оваа досега најголема нуклеарна катастрофа во светот, како по бројот на жртви, така и по отстранувањето на последиците.
Во деновите по катастрофата беа евакуирани 116 илјади луѓе, а истата судбина во наредните години им се случи на уште околу 230 илјади жители на тоа место и на околните градови на тогашната советска Украина. За жителите на Чернобил, тридневната евакуација се претвори во 30-годишно бегство.
Рускиот претседател Путин изјави дека Чернобил станал сериозна лекција за целото човештво и дека трагедијата би била уште поголема доколку ја немаше неизмерната храброст и самопожртвуваност на пожарникарите, војниците и на сите оние што учествуваа во санирањата на последиците.
Европската комисија по повод три децении од нуклеарната катастрофа најави дополнителни 20 милиони евра за помош на санирање на последиците. Тие пари се дел од 45-те милиони евра кои се очекуваа од Г-7 и од Европската комисија и ќе се искористат за изградба на магацини за потрошеното нуклеарно гориво. За санирање на нуклеарката, комисијата до сега дала околу 730 милиони евра.
Според податоците на Министерството за здравство на Украина, под медицински надзор како последица од катастрофата се повеќе од 2 милиона луѓе.
Марина Автовска
