Алкалоид отвори нов Цетнар за контрола на квалитет
Станува збор за капитална инвестиција вредна над пет милиони евра.

Нов Центар за контрола на квалитет на Алкалоид АД Скопје – Профитен центар Фармација денеска е пуштен во употреба. Станува збор за капитална инвестиција вредна над пет милиони евра.
„Центарот за контрола на квалитет на лековите е опремен со високо софистицирана опрема од реномирани светски производители според најстрогите стандарди за добра производна пракса. Во Центарот за контрола на квалитет ќе работат над 100 високо стручни извршители за која квота во моментов има 26 нови вработувања. Седумдесет проценти од вработените се со високо образование, а дел од нив се специјалисти и магистри по науки“, изјави генералниот директор и претседател на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, Живко Мукаетов.
Директорката на Центарот за контрола на квалитет, Христина Бабуновска рече дека Центарот е технолошко аналитички капацитет, опфаќа површина од околу 3.000 м2 и во него се изведуваат активности кои го покриваат работењето на Профитниот центар Фармација од влез на материјалите за производство до излез на готов фармацевтски производ.
Посочи дека во просторот се опремени лабораторија за влезни материјали, лабораторија на фармацевтски производ, сектор за аналитички развој, сектор за стабилност на комерцијални серии, микробиологија и оддел за приготвување документација за тековно работење и за регистрациони цели.
