Политичката криза се одразува врз бизнисот, можно откажување на 37% од договорите

26.04.2016 16:59

Бизнис- заедницата е загрижена, актуелните состојби во државава се одразуваат врз стопанството. Велат, во опасност се бизнис- релациите со странските партнери- резервираност во соработката, ненавремена испорака на производи. Домашните бизнисмени со став- политичката криза ќе се одрази и врз надворешната трговска размена.

Проблемите со кои се соочуваат фирмите не се нови, но поради политичката криза нивното влијание е далеку поизразено. Анкетата во која биле вклучени 1.000 членки на Стопанската комора на Македонија покажала дека 37% од нив имаат сознанија за можно откажување договори со странски партнери, додека 63 насто немаат такви најави.

„Кај дел од компаниите имаме и конкретни најави за откажување на веќе воспоставени  договори за соработка. Во тој случај компаниите укажуваат дека тоа може да влијае на нивниот процес на производство, на производните планови за оваа година, да влијае на намалување на бројот на вработени и во крајна линија тоа ќе влијае врз нивната ликвидност“, изјави Билјана Пеева-Ѓуриќ, директор во Стопанска комора на Македонија.

45 насто од компаниите сигнализираат дека имаат проблеми со ликвидноста. Отежнато ги наплаќаат побарувањата од купувачите кои бараат одложено плаќање, додека добавувачите бараат авансно плаќање на суровините. За среќа 83 насто од анкетираните фирми велат дека засега немаат проблеми со извозните активности, а истото важи и за 86 насто при увозот. Евентуалното одземање на препораката за претпристапни преговори и преземање некои мерки предизвикува загриженост кај компаниите, велат од комората затоа што 77% од извозот е насочен кон земји членки на ЕУ.

„Ако продолжи ваквата состојба  најголеми проблеми би имале, металната и електро- индустријата, хемиската, текстилната, земјоделството и прехранбената индустрија“, вели Пеева- Ѓуриќ.

Бизнисмените велат дека постои доза на загриженост ,з атоа што веќе сме окарактеризирани како ризично подрачје, и партнерите се плашат дали ќе се почитуваат склучените договори и стоките ќе бидат испорачани навреме.

 

Свето Николовски