Лејланд, Санос, Раба дел од историјата на ЈСП
Во Музејот на стари автобуси на ЈСП има 6 возила кои...

Во Музејот на стари автобуси на ЈСП има 6 возила кои ја пренесуваат приказната за транспортните текови и развитокот на Скопје во 66-годишното постоење на ова претпријатие.
Лејланд, Санос, Раба, Икарус –овие автобуси минале милиони километри низ скопските улици, во нив скопјани со децении патувале на работа, на училиште, споделувале радост и тага, раскажувале анегдоти, бистреле политика... Старите црвени автобуси не враќаат во минатото и ја раскажуваат историјата на автобускиот сообраќај во Скопје.
Пецо Гроздановски, директорот на автобазата во Ѓорче Петров вели дека сите возила во Музејот се во возна состојба и редовно се одржуваат. Во секој од автобусите има табла со податоци за техничките карактеристики на возилото, датумот на производство и поминати километри.
Јавното сообраќајно претпријатие е формирано во 1947/48 година, годинава одбележуваме 66 години. Почетоците биле со една линија, двојка, која сообраќала од Кумановска трошарина, тоа е денешна Општина Гази Баба, преку улица Брегалничка, Кеј 13 Ноември, улица Димитар Влахов и Илинденска до Градскиот парк. Потоа е отворена линијата број 3 од Автокоманда до Водно. Првите набавки на автобуси биле во 1949 година кога се купени 10 рено автобуси. Во 1953 година се добиени автобуси од англиската фирма АЕЦЕ единечни и двокатни кои во тоа време биле атракција за граѓаните на Скопје и имале 60 седишта, вели Гроздановски.
Најстарото зачувано возило е белиот британски лејланд, произведен во 1969 година. Низ скопските улици се возел до 2011, а за својот работен век има поминато 1 100 000 километри.
На него е нова само лимаријата, подвозјето е комплетно, моторот, полуавтоматскиот менувач,се е негово, ние вградивме само малку лим, ни рече Гроздановски.
И црвениот единечен автобус од марката санос го заслужи своето место во музејот. Произведен е во 1982 година и има поминато најмногу километри низ улиците на главниот град.
Овие автобуси од марката санос на Фас 11 Октомври се наше производство и се едни од најупотребуваните и најиздржливи автобуси и затоа не е ни чудо што овој автобус има поминато 1 950 000 километри, рече директорот на автобазата во Ѓорче Петров.
За разлика од почетоците, ЈСП сега располага со 350 нови автобуси. Од нив 216 се двокатни, од кои 200 се затворени, а 16 панорамски, 79 украински и 16 минибуси. Автобусите сообраќаат на 83 линии од кои 39 се градски, а 44 се приградски со вкупна должина од 1.100 километри. На годишно ниво, скопските градски автобуси минуваат над 16 милиони километри и трошат 6 милиони литри нафта. Влезот во Музејот на ЈСП е бесплатен, а старите автобуси може да ги види секој заинтересиран граѓанин со претходна најава на телефон или на меил.
Новинар: Сунчица Николоска
Снимател: Светозар Ристов
